Maтеј 14:12-22 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

12. Потоа дојдоа Јовановите ученици, го зедоа неговото тело и го погребаа, а потоа Му јавија и на Исус.

13. Кога Исус слушна за погубувањето на Јован Крстител, си замина оттаму со бротче и дојде насамо на едно пусто место. Но народот од градовите дозна за тоа и се упати пеш дотаму.

14. А Тој, излегувајќи од бротчето, виде голема толпа народ. Душата Му се исполни со сочувство и ги исцелуваше болните меѓу нив.

15. На квечерина кај Исус дојдоа Неговите ученици и Му рекоа: „Доцна е веќе, а местово е пусто. Пушти ги луѓето да се вратат по селата и да си купат храна!“

16. А Исус им рече:„Нема потреба да одат; дајте им вие нешто да јадат.“

17. Тие Му одговорија: „Ние имаме овде само пет леба и две риби!“

18. „Донесете ми ги!“ им рече Исус.

19. Тогаш им рече на луѓето да поседнат по тревата, а Тој ги зеде петте леба и двете риби, и со поглед кон небото ги благослови и ги раскрши. Потоа им ги даде на учениците, а тие им ги разделија на луѓето.

20. Сите јадеа и се наситија, а собраа и дванаесет кошници полни со парчиња што преостанаа.

21. Тие што јадеа беа на број околу пет илјади мажи, а имаше и жени и деца.

22. Веднаш потоа Исус ги натера Своите ученици да се качат на бротче и да испловат пред Него кон спротивната страна на езерото, додека Тој не го отпушти народот.

Maтеј 14