Јован 12:1-19 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. На шест дни пред Пасхата, Исус дојде во Витанија, каде беше Лазар, кого го воскресна од мртвите.

2. Таму Му приготвија вечера, и Марта послужуваше, а Лазар беше еден од оние кои со Него седеа покрај трпезата.

3. Тогаш Марија зеде литар миро, од чист и скапоцен нард, ги помаза Исусовите нозе и Му ги избриша нозете со својата коса; и куќата се наполни со мирис од мирото.

4. А Јуда Искариотски, еден од Неговите ученици, кој сакаше да Го предаде, рече:

5. ”Зошто мирово не е продадено за триста динарии, за да бидат раздадени на сиромасите?”

6. Тоа не го рече дека се грижеше за бедните, туку зашто беше крадец; кај него беше ковчежето и земаше од она, што пуштаа во него.

7. Но Исус рече: „Оставете ја! Нека го запази тоа за денот на Моето погребение.

8. Зашто сиромасите ги имате секогаш покрај себе, а Мене Ме немате секогаш.”

9. Многу Јудејци научија дека е таму, па дојдоа не само заради Исуса, туку да го видат и Лазара, кого го воскресна од мртвите.

10. Главните свештеници пак одлучија да го убијат и Лазара,

11. зашто многу Јудејци заминуваа заради него и веруваа во Исуса.

12. На другиот ден, множество народ, што беше дошол на празникот, кога чу дека Исус доаѓа во Ерусалим,

13. зеде палмини гранки и Му излезе во пресрет и викаше: „Осана! Благословен Кој доаѓа во Господовото име, Израелевиот Цар!”

14. А Исус најде осле, и седна на него, како што е напишано:

15. ”Не бој се, Сионова Ќерко! Еве, твојот Цар иде, седејќи на осле.”

16. Неговите ученици не го разбраа тоа отпрвин, но кога Исус се прослави, тогаш се сетија, дека тоа беше напишано за Него, и дека тоа Му Го сторија.

17. А народот, кој беше со Него, сведочеше дека Тој го повика Лазара од гробот и го воскресна од мртвите.

18. Заради тоа народот и Му излезе во пресрет, зашто чуја дека Тој го направи тоа чудо.

19. Фарисеите пак си рекоа меѓу себе: „Гледате дека не можете ништо; ете, светот тргна по Него.”

Јован 12