5. Тогаш ги испратив Мојсеја и Арона и го удрив Египет со казните што ги направив во него, и тогаш ве изведов.
6. Ги изведов вашите татковци од Египет, и стигнаа на море; Египетците ги гонеа вашите татковци со бојни коли со коњаници сè до Црвеното Море.
7. Тогаш извикаа кон Господа, и тој развлече густа магла меѓу нив и Египетците и ги воведе во морето, што ги прекри. Видовте со своите очи што им сторив на Египетците; потоа останавте долго време во пустината.
8. После ве воведов во земјата на Аморејците, кои живеат отаде Јордан. Завојуваа со вас и Јас ги предадов во вашите раце; ја зедовте во наследство нивната земја, зашто Јас ги уништив од пред вас.