Ефешаните 5:7-22 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

7. И така, не бидете нивни соучесници!

8. Зашто некогаш бевте темнина, но сега сте светлина во Господа; живеете како деца на светлината,

9. а плодот на Духот се состои во секаква добрина, во праведност и во вистина!

10. Испитувајте што Му е угодно на Господа!

11. И не бидете соучесници во бесплодните дела на темнината, туку подобро: прекорувајте ги!

12. Зашто е срамно да се зборува и за она што тие го вршат потајно.

13. А сè што се прекорува станува јавно преку светлината, зашто сè што станува јавно, светлина е.

14. Затоа се вели: „Стани, ти кој спиеш, воскресни од мртвите, и Христос ќе те осветли!”

15. И така, внимавајте грижливо како живеете! Не како немудри, туку како мудри;

16. искупувајте го времето, зашто дните се зли!

17. Затоа не бидете неразумни, туку разберете што е Господова волја!

18. И не се пијанете со вино, во кое е разузданоста, туку полнете се со Духот!

19. Зборувајте си еден на другиот со псалми, и химни, и со духовни песни! Пејте Му на Господа и воспевајте Го во вашите срца!

20. Благодарете Му секогаш за сè на Бог и Таткото, во името на нашиот Господ Исус Христос!

21. Покорувајте се еден на друг во страв од Христа!

22. Жените да им се покоруваат на своите мажи, како на Господа,

Ефешаните 5