17. Ова го велам и сведочам во Господа, да не живеете веќе како што одат народите во суетата на својот ум,
18. помрачени во својот разум, оттуѓени се од Божјиот живот, заради незнаењето кое владее во нив, заради закоравеноста на нивното срце.
19. Откако го изгубија чувството, тие и се предадоа себеси на разузданоста, за да прават секаква нечистота во лакомост.
20. А вие не Го познавте така Христа,
21. ако сте чуле за Него и ако сте во Него поучени онака, како што е вистината во Исуса;
22. во однос на својот поранешен живот, вие треба да го соблечете од себе стариот човек, кој тлее заради измамливите страсни желби,
23. и да се обновувате во духот на својот ум,
24. и да се облечете во новиот човек, кој е создаден според Бога во правдата и светоста на вистината.
25. Затоа отфрлете ја лагата и зборувајте вистина секој со својот ближен, зашто сме членови едни на други!
26. Ако сте гневни, не грешете! Сонцето да не зајде во вашиот гнев,
27. и не давајте му место на ѓаволот!
28. Кој крадел, да не краде веќе! Подобро е да се труди и да работи со своите раце она што е добро, за да може да му дава на оној, кој има потреба!
29. Никаков гнил збор да не излегува од вашата уста, туку само полезен за изградување, - каде е потребно, за да им даде благодат на слушателите.
30. И не жалостете Го Светиот Дух Божји, со Кој сте запечатени за денот на избавувањето!
31. Секое огорчение, и јарост, и гнев, и викање и хулење, да бидат отстранети од вас, со секаква злоба.
32. Бидете еден кон друг добри, милостиви, проштавајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости вам во Христа.